Печати

Управувачки комитет

      Управувачкиот комитет е тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи.
     Управувачкиот комитет го сочинуваат министрите за внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана, надворешни работи и раководителот на Групата за процена. Доколку составот на Управувачкиот комитет не ја одразува соодветната и правична застапеност на заедниците, составот на Управувачкиот комитет се дополнува и со други членови на Владата.
     Во зависност од кризната состојба, по потреба, во работата на Управувачкиот комитет можат да се вклучат и други функционери кои раководат со органите на државната управа.
     Во работата на Управувачкиот комитет учествува и еден претставник од Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија од редот на членовите на Комисијата од најголемата политичка партија во опозиција и еден претставник од кабинетот на претседателот на Република Македонија.
     Во зависност од кризната состојба, претседателот на Владата определува лице од составот на Управувачкиот комитет, кое ќе раководи со работата на Управувачкиот комитет.
     Во зависност од кризната состојба, во работата на Управувачкиот комитет по потреба и како поддршка можат да се повикаат и експерти.

 Група за процена

      Групата за процена е тело на Владата кoe врши постојано проценување на ризиците и опасностите по безбедноста на Републиката и предлага мерки и активности за нивна превенција, рано предупредување и справување со кризна состојба.

    Групата за процена ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање; директорите и замениците на директорите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување; заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, како и раководителот на Службата за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана.Составот на Групата за процена ја одразува соодветната и правичната застапеност на заедниците.
     Со Групата за процена раководи лице од составот на Групата за процена, кое го определува претседателот на Владата.
По потреба во работата на Групата за процена се повикуваат и други претставници на органите на државната управа, општините и на градот Скопје и експерти за определената област.
     Анализите, препораките и заклучоците, Групата за процена ги доставува до Управувачкиот комитет, претседателот на Владата, претседателот на Република Македонија и до претседателот на Собранието.
     Претседателот на Владата, анализите, препораките и заклучоците од ставот 1 на овој член, по потреба ги доставува и до другите функционери кои раководат со органите на државната управа.
Посети: 2381